За патронот
„Се појави чуден човек!
А кој беше тој чуден човек?
Ако те нанесе патот кон старо Скопје, сè убаво види и разгледај… само едно немој да заборавиш!
До Калето е црквата Свети Спас. Во неа луѓето не палат од восок жолти свеќи, поповите не читаат молитви од црните исчадени дебели книги. Ти што мислиш? Што е тоа што ги влече срцата на луѓето да одат во црквата? Каква е таа волшебна сила?
Тука, среде во црквата, во оревов сандак, изрежан со разни шари, лежи еден војвода. Негде ќе се јавеше како ага, негде како питач, негде како дервиш, негде како инженер…
Тој беше Гоце Делчев, македонски легендарен војвода, војвода над сите војводи, душата на Внатрешната македонска револуционерна организација.
Мојата мајка е земјата македонска. Род и роднина ми е зговорна дружина. Жената ми е пушка малихерка, а децата дробните фишеци.“
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески
Гоце Делчев e роден во Кукуш на 4 февруари 1872 година од татко Никола и мајка Султана. Синот на Султана Делчева ќе се нарече Ѓорѓи само во крштелното сведителство, во некои стари тефтери и во строгите официјални документи. Името Гоце е галовен облик од името Ѓорѓи, а тоа е резултат од широкото распространето словенизирање на старите, од туѓ корен, христијански лични имиња. Во политичката терминологија на македонската револуционерна борба, името Гоце станало синоним на храброст и чесност. Затоа и е речено:
Гоце! Секој Македонец би сакал да ја отвори книгата на тој живот.
Македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, главен деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.
Се школувал во Кукуш, кадешто завршил прогимназиско образование, во Солун, во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ каде што раководел таен ученички револуционерен кружок и во Софија во Военото училиште. Се вратил во Македонија и бил учител во Ново Село, Штип. Постојано соработувал со Дамјан Груев. Учествувал на Солунскиот конгрес на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето. Со Ѓорче Петров ги изработиле новиот Устав и Правилник на Организацијата.
Во текот на Доневата афера поради недостаток на докази бил ослободен, меѓутоа во мај повторно бил уапсен и спроведен во Скопје каде што бил затворен во Куршумли-ан, но повторно бил ослободен. Сепак аферата го свртела вниманието на турските власти кон Делчев. Во септември бил назначен за главен учител (директор) во Банско од кадешто ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност и целосно се посветил на македонското ослободително дело. Ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија. Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини на Ватикан му ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и да се добие полна политичка автономија.
Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес од 1903 година за кревање востание и со чета заминал во внатрешноста на Македонија со раководните кадри да издејствува повлекување на решението за масовно востание. Во април, во Солун се сретнал со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение, двајцата се договориле востанието да се води со засилени четнички дејствија и терористички акции. Од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ. Пристигнал во селото Баница, Серско на 3 мај. Војската го опколила селото и во борбата утрото на 4 мај 1903 година загинал Делчев, бескомпромисниот борец за самостојна македонска држава.