
Во учебната 2023/24 година се реализираше проектот насловен „Ајде да зачуваме“( “Let’s preserve”) со број 2023-3-SI02-KA152-YOU-000176537 од Еразмус + програмата. Овој проект се фокусира на темата за одржливост, особено во однос на храната и традиционална кујна. Учесници беа четири организации: СОУ Гоце Делечев Валандово, Завод за млади и спорт Трбовље (Словенија), АЈПЦ од Мадрид (Шпанија) и ГРУЦА од Матераца(Италија).
Мобилноста се реализираше во Трбовље, Словенија од од 26.08-02.09. 2024г.
Овој проектот имаше за цел да ги поттикне младите учесници да размислуваат за потрошувачките навики, нагласувајќи ја важноста на традиционалните кулинарски практики како пат до одржливо производство и потрошувачка на храна.
Се промовираа потрошувачки навики кои се усогласуваат со традиционалните практики на нула отпад и употребата на lлокални и сезонски производи.
Нашите ученици и наставници имаа можност да соработуваат со млади од земјите учеснички и заеднички изработија книга за готвење со традиционални рецепти со совети за одржливост.
Ученици и професори од СОУ „Гоце Делчев“ Валандово во текот на месец август беа дел од меѓународен проект во градот Трбовље, Р. Словенија. Заедно со нивни врсници од домаќинот Словенија, Италија и Шпанија беа учесници на младинската меѓународна размена на Еразмус+ проектот „oHRANImo“.
Секако, проектот е кофинансиран од Европската Унија.
Проектот насловен „oHRANImo“ се фокусира на одржливост, особено во врска со потрошувачката на храна и традиционалната кујна. Главната цел е да ги поттикне младите учесници да размислуваат за нивниот идентитет и навиките за потрошувачка, истакнувајќи ја важноста на традиционалните кулинарски практики и кулинарското наследство како пат кон одржливо производство и потрошувачка на храна. Истовремено ги промовира одговорните потрошувачки навики кои се во согласност со традиционалните практики на нула отпад и употребата на локални, сезонски производи.
Во текот на неколкуте дена учениците заеднички креираа информативни постери, готвеа традиционални јадења, имаа работилница за нематеријално културно наследство, правеа еко-градина, посетија градови, места и институции.
Учеснички од нашето училиште беа Матеа Стојчевска, Милена Тодорова и Ана Марија Пејовска со професорите Тања Наумова и Марјан Терзиев.
Импресиите не можат да ги искажат, зборови недостасуваат или колку и да се каже, малку е:
„Младинскат размена во Словенија ни остави длабоки импресии, особено градот Трбовље. Овој мал град, сместен во долината на реката Савиња, на прв поглед, изгледа како типичен индустриски град, но под површината се крие многу повеќе. Она што нè воодушеви е комбинацијата на природна убавина и културно наследство. Околината на Трбовље е зелена и богата со шуми и планини, што создава совршен баланс со индустрискиот карактер на градот. Прошетките низ овие предели ни овозможија да ја почувствуваме убавината на словенечката природа и посветеноста на жителите кон зачувувањето на животната средина.
Луѓето во Трбовље оставија посебен впечаток на нас. Словенците се топли, гостопримливи и отворени за нови познанства. Младите кои ги запознавме беа ангажирани и полни со идеи за подобрување на својата заедница. Тие се гордеат со своето културно и индустриско наследство и ја пренесуваат таа гордост на секој што ќе го посети нивниот град.
Впечатокот кој го добивме од Словенија и од градот Трбовље е дека тоа е земја и место кои знаат да ја почитуваат својата историја, но и да гледаат отворено кон иднината. Ова патување ни овозможи не само да научиме многу за словенечката култура, туку и да се поврземе со луѓе кои ќе останат како наши познаници од кои сме научиле многу.
Како круна на нашата младинска размена во Словенија беше посетата на главниот град Љубљана. Тоа беше идеален завршеток на ова прекрасно наше научно искуство. Главниот град на Словенија ни остави незаборавен впечаток со својата шармантна комбинација на историја, култура и современ живот. Љубљана е град со посебна енергија. Тивок, а полн со луѓе и идеи. Шетајќи низ центарот, веднаш се чувствува пријатната атмосфера на старите улици и шарените фасади на згради кои ја раскажуваат историјата на градот. Она што посебно ни се допадна е како Љубљана успева да биде и модерна и еколошка. Градот е полн со велосипеди и зелени површини, во централното градско подрачје е забранет сообраѓај, освен градскиот, а реката Љубљаница, која тече низ срцето на градот, додава на неговата мирна и пријатна атмосфера. Овој град нè остави инспирирани и полни со позитивна енергија. Токму овде сфативме колку многу оваа земја има да понуди и колку богатство се крие во нејзините луѓе, историја и природа“.