На 28 декември 2022 г. проектната апликација на СОУ „Гоце Делчев“ Валандово на Регионалниот Challenge фонд беше оценета со позитивна оценка.
Училиштето доби проект од RCF фондацијата во вредност од над 400 000 евра.
Во наредниот период ќе се набави нова софистицирана опрема, ќе се изведе нова градба и ќе следат обуки од експерти за професорите и учениците.
Новата градба ќе биде на два ката со училница, нова информатичка лабораторија, работилница со 2 машини CNC со специјализиран софтвер, суровини за работа на машините, фотоволтаици на кровната конструкција за сопствено производство и напојување со електрична енергија, трактор со кабина, сензорна меѓуредна машина, автоматски ножици за кроење на лозови насади и на овошки, доопремување и дополнително модернизирање на линијата за производство на сок од калинка, сушара за овошје и зеленчук, опрема за пчели, машина за вакумирање, автоматска машина за пакување и останатати пропратни и поситни алати.
Regional Challenge Fund (RCF) (Регионалниот фонд за предизвици) има за цел да ја зајакне важноста на пазарот на трудот во однос на стручното образование и обука преку финансирачки инвестиции во опрема и инфраструктура за субјектите кои обезбедуваат обука и кои учествуваат во заеднички активности за обука со партнерските претпријатија.
Невработеноста на младите, во комбинација со недостаток на квалификувана работна сила кај претријатијата, ја отсликува економската ситуација во Западен Балкан. Оттаму, целта на Фондот е да ја зголеми вработливоста кај учениците со зајакнување на пристапот за заедничка обука во шесте држави од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
RCF поддржува проекти кои се заеднички спроведувани од страна на установи за стручна обука и партнерски претпријатија кои се занимаваат или планираат да се занимаваат со заеднички активности за обука. Тие може да добијат поддршка за развивање на нови програми или за проширување и подобрување на постоечките понуди. Грантовите се доделуваат на конзорциуми кои успешно го поминале конкурентниот процес на избор сочинет од два чекора.
RCF обезбедува финансиска и пропратна поддршка на избраните конзорциуми во однос на:
- Инфраструктура за работилници и опрема за обучувачките капацитети во рамките на установите за стручна обука;
- Обука на наставниците од установите за стручна обука, обучувачи во самите компании и координатори за заедничките обуки (во установите за стручна обука и во претпријатијата) кои се неопходни за спроведувањето на финансираната програма за обука;
- Советодавна поддршка за време на планирањето и имплементацијата на проектот.
Придобивки за претпријатијата кои учествуваат:
- Зголемена достапност на квалификувани работници кои ги исполнуваат барањата на претпријатијата;
- Искусни практиканти кои знаат да ја ракуваат опремата и технологијата која се користи во претпријатијата;
- Намалени трошоци во однос на процесите на обучување;
- Намалени трошоци за ангажирање/вработување;
- Потенцијал за планирање на стратегија за пораст заснована на реалистични прогнози во однос на достапноста на работна сила;
- Подобрени предуслови за усогласеност со внатрешните процедури за безбедност и здравје при работа;
- Учеството ја потврдува корпоративната општествена одговорност и ги позиционира претпријатијата како „примерни граѓани/субјекти“;
…а, сите овие придобивки доведуваат до….
Подобрена продуктивност, конкурентност и иновативност на бизнисите.
Придобивки за установите за стручна обука кои учествуваат:
- Зголемена релевантност и квалитет на програмите за СОО;
- Современа опрема и/или технологија за учење преку работа;
- Подобрена внатрешна инфраструктура која е релевантна за заедничките стручни обуки;
- Квалификувани наставници за СОО, обучени во согласност со потребите на бизнисите;
- Подобрен углед на СОО и на самата институција во рамките на заедницата;
- Потенцијално повисока стапка на упис кај заинтересираните студенти.
Придобивки за учениците:
- Учество во модернизирана програма за обука;
- Стекнување на практични и релевантни вештини;
- Подобрени предуслови за вработување;
- Подобрени можности за приходи во регионот на Западен Балкан.
Со Фондот се поддржуваат стручното образование и економиите во 6 држави.
Фондот ќе биде оперативен 5 години, почнувајќи од 2020 година.
Целта на Фондот е да поддржи околу 60 проекти.
Преку поддржаните проекти ќе се понудат повеќе од 1,500 места за обука.
Во проектите имплементирани од установите за стручна обука и претпријатијата ќе се инвестираат до 19,776,650 ЕУР.
Секој еден проект може да се поддржи со грант во износ од 150,000 до 600,000 ЕУР.