СОУ „Гоце Делчев“ од Валандово и СОУ „Гостивар“ од Гостивар негуваат долгогодишно пријателство во име на мултикултурализмот
Реализација на проект за меѓуетничка интеграција во образованието
Со цел унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието, учениците од СОУ „Гоце Делчев“ Валандово и СОУ „Гостивар“ од Гостивар реализираат заеднички активности под покровителство на МОН.
Министерството за образование и наука секоја учебна година објавува Јавен повик за доделување на грантови за основните и јавните средни училишта, кои придонесуваат за равој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата. Активностите кои ќе бидат поддржани со грант, може да се реализираат самостојно во училишта во кое наставата се одржува на повеќе наставни јазици, или во партнерство со друго училиште. Грантови се во висина до 30.000,00 денари и средствата се користат за реализација на самите активности.
Таквиот проект е во насока на промовирање на добри практики за активности во кои се негуваат хармонични односи кои се темелат на почитување на разликите, притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество со што се овозможува градење на современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент.
После реализираната прва активност во Гостивар, на 19 септември 2024 г. (четврток) гостиварчани ја возвратија посетата која, исто како таму беше исполнета со низа активности и локални посети.
Првично гостите беа запознати со училиштето, можностите кои ги нуди во рамки на гимназиското и стручното образование, ги посетија училишната економија, линијата за производство на еколошки сок од калинка, лабораториите…
Реализираа заедничка активност во училишното етно-катче паралелно запознавајќи се со типични валандовски предмети од домаѓинството, адети и обичаи.
Беше посетен археолошкиот локалитет Стакина чешма кој потекнува од римско време. Се претпоставува дека оваа населба датира од доцниот III или раниот IV век. Делот којшто е откриен бил најверојатно палата или дел од комплекс луксузни куќи. Овој локалитет годинава е дел од Годинашната програма на НУ Завод и Музеј Струмица од областа на заштита на недвижното културно наследство за 2024 година е и реализација на проектот Конзервација и реставрација на подните мозаици на домусот од римскиот период на локалитетот Стакина Чешма во Валандово.
Ова беше одлична прилика учениците од двете училишта директно да поразговараат со археолозите и конзерваторите.
Потоа беше реализирана посета на Дојран и запознавање со неговите специфичности.
До следното наше видување…
Најубавото нешто во пријателството е дека можеме да бидеме одвоени, а да не бидеме разделени. Заеднички се идеите, мотивацијата, трудот и работата, професорите, учениците.